ПРВ.мк
Црна Хроника

ПОЛИЦИЈАТА ГИ ФАТИ НА ДЕЛО: Уапсена група за организирање нелегални брутални борби на кучиња!

ПОЛИЦИЈАТА ГИ ФАТИ НА ДЕЛО: Уапсена група за организирање нелегални брутални борби на кучиња!

Две лица од гостиварскиот регион завршија во полициски притвор поради сомнение дека организирале борби на кучиња, при што животните биле пронајдени со видливи повреди и траги од крвави пресметки.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, полициски службеници ги лишиле од слобода Г.Ј. (44) од село Топлица и А.А. (46) од село Чегране, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „мачење животни“.

Интервенцијата се случила во текот на ноќта, околу 01:30 часот, откако претходно полициски службеници од Полициското одделение Галате на влезот во селото Топлица затекнале група лица и кучиња кои имале очигледни повреди и крвавења, што укажувало дека биле дел од борба.

Според пријавените информации, лицата претходно се договориле да ги организираат борбите со кучиња. На местото бил извршен увид, при што во патничко возило марка „Фиат“ било пронајдено едно повредено куче.

Осомничените биле задржани во полициска станица, а надлежните органи продолжуваат со собирање докази и целосно расчистување на случајот.

По завршувањето на документацијата, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежното обвинителство.

Случајот повторно го отвора прашањето за нелегалните борби со животни, кои според законите претставуваат сериозно кривично дело поради суровоста и опасноста за животните.