ПРВ.мк
Црна Хроника

Почина обвинетиот во случајот „Пулс“: На 54-годишна возраст ненадејно почина Љупчо Грнчиштанов!

Почина обвинетиот во случајот „Пулс“: На 54-годишна возраст ненадејно почина Љупчо Грнчиштанов!

54-годишниот Љупчо Грнчиштанов, главен инспектор во Државниот пазарен инспекторат и еден од обвинетите во судскиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс“, почина откако му се слошило во домашни услови, потврдуваат од надлежните институции.

Информацијата е потврдена од Јавното обвинителство, од каде наведуваат дека се известени за смртта на обвинетиот и дека Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција со цел да се утврдат точните околности и причината за смртта.

Грнчиштанов долги години ја извршувал функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба во Државниот пазарен инспекторат, во период од 2013 до март 2025 година. Во рамки на судската постапка тој беше обвинет за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“.

Во текот на истрагата, Грнчиштанов помина 77 дена во ефективен притвор, по што мерката беше заменета со куќен притвор во траење од околу 14 месеци.

На почетокот на судскиот процес, неговиот бранител, адвокат Дончо Наков, пред судот изјави дека обвинетиот ги презел сите законски пропишани мерки и активности во рамки на своите надлежности, и дека не постои основ за негова кривична одговорност во случајот.

Одбраната тврдеше дека нема дејствија на пропуштање кои би можеле да го поврзат со кривичното дело, односно дека не може да се примени концептот на „верижна одговорност“ како основ за негово обвинение. Грнчиштанов тогаш се приклучи на излагањето на својот адвокат, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите и желби за брзо закрепнување на повредените.

Со неговата смрт, судската постапка во делот кој се однесува на него ќе биде дополнително разгледана од надлежниот суд, во согласност со законските процедури за вакви случаи.