Екстремно високите температури што деновиве го зафатија Скопје веќе предизвикуваат сериозни здравствени проблеми кај граѓаните. Само во текот на утринските часови, екипите на Итната медицинска помош интервенирале во повеќе од пет случаи на колапс на јавни места, а најголем дел од пациентите биле повозрасни лица. Сепак, лекарите предупредуваат дека последиците од топлотниот бран сè почесто ги чувствуваат и помладите граѓани.
Докторката Ана Џарева од Итната медицинска помош изјави дека е значително зголемен бројот на телефонски повици од лица кои бараат лекарски совет или интервенција поради симптоми предизвикани од жештините. Најчести тегоби се вртоглавица, слабост, болки во градите, забрзана работа на срцето и чувство на малаксаност. Меѓу регистрираните случаи е и 37-годишна жена на која ѝ се слошило додека се наоѓала во автомобил.
Здравствените власти апелираат граѓаните да не излегуваат непотребно во периодот од 11 до 17 часот, кога температурите се највисоки. Се препорачува носење лесна и светла облека, капа, редовен внес на течности и консумирање лесна храна, додека алкохолот, кофеинот и тешките оброци треба да се избегнуваат.
Од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека топлотниот удар може да биде животозагрозувачки. Доколку лице има топла и сува кожа, грчеви, губење на свеста или потешкотии со дишењето, неопходно е веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или бројот 112, а лицето да се премести на ладно место и постепено да се разладува до пристигнувањето на медицинската екипа.








