Павел Христов, роден 2004 година, е уште еден херој од трагедијата во Кочани за кој треба многу погласно да се зборува. Ова младо момче четирипати влегло во опожарената дискотека, без да се повлече, за да помогне и спаси свои врсници.
Во целиот хаос не се заштитил сам, преовладувала неговата хуманост, не штедејќи се себеси, и сѐ што може да се случи, раскажуваат неговите другари, вели мајката на настраданиот Павел за „Нетпрес“.
При четвртото влегување, Павел веќе почнал да ги чувствува последиците од чадот и се гушел.
Болката што ја чувствувам како родител е голема, како и кај сите други родители, бидејќи тие деца си имаа избрано пат. Некои се имаа определно да учат за доктори, други за инженери, трети да се посветат на занает, и сите си ја сакаа Македонија. Поради нечии пропусти останавме без децата, без нашите ангели. Тие ни беа светлост и надеж. Се прашувам Гоподи, зошто ги земаш добрите?, вели Христова.
Нејзината болка е уште поголема, бидејќи и ќерката Марија била присутна во дискотеката и е повредена. Марија се лекува во Шпанија, а семејството со нетрпение го чека нејзиното враќање.
Следниот ден по трагедијата, семејството требало да замине за Скопје за да купат венчален фустан за ќерката.
После сѐ што се случи, после трагичната загуба на татко му, на само 17 години Павел застанува како столб во фамилијата. Остана разумен, одговорен и хуман кон општеството, ја ширеше својата ведрина кон своите најблиски и спрема секого, со убав збор и добри дела со намера оваа година да се запише на факултет и да си го работи занаетот како бербер, пишува во емотивната објава на истиот портал.