Двајца од четворицата македонски државјани кои беа повредени во трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани и минатата недела беа префрлени на лекување во Белгија, денеска се вратија во татковината по успешното лекување и опоравување.
Минатата среда, во координација со Европската Унија, четирите тешко повредени лица беа транспортирани со специјален авион на Вооружените сили на Романија и примени во болници во Брисел, Антверпен и Шарлероа.
По нивното пристигнување во Белгија, македонската заедница во оваа земја покажа голема солидарност, нудејќи бесплатно сместување и превоз за членовите на семејствата на повредените. Амбасадата на Македонија во Брисел обезбеди и преведувачи кои им помагаа во комуникацијата со медицинскиот персонал.
„Благодарност до сите наши сограѓани во Белгија кои покажаа силна солидарност и интерес за помош“, порача македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски, по повод денешното враќање на двајцата повредени во земјава.