Вистински кошмар започнал за една жена во Хрватска по раскинувањето на љубовната врска, кога нејзиниот поранешен партнер почнал да ги испраќа нејзините интимни фотографии на роднини, пријатели, познаници, но и на целосно непознати луѓе.
Жената, која одлучила анонимно да проговори за своето искуство во емисијата „Проверено“ на Нова ТВ, раскажала како поранешниот партнер се обидувал јавно да ја понижи и посрами преку злоупотреба на фотографии од нивната приватна врска.
„Првите мои интимни фотографии пристигнаа на телефоните на моите најблиски. Потоа почнаа да се испраќаат од лажни профили на Фејсбук и Инстаграм до сите мои познаници, а подоцна и до непознати луѓе“, раскажала жената.
Но, фотографиите не биле единственото нешто што се ширело на интернет.
Заедно со нив биле објавувани и нејзиното име, презиме, местото на живеење и други лични податоци, со што дополнително била нарушена нејзината приватност.
„Како повеќе да не бев јас, туку она што тие сакаа да го направат од мене. Целта на таквата одмазда е да те стават на столбот на срамот, луѓето да зборуваат за тебе и да го преиспитуваат твојот морал“, објаснила таа.
Станува збор за форма на дигитално сексуално насилство, позната како одмаздничка порнографија, при која интимни фотографии или снимки се споделуваат без согласност на лицето што е прикажано на нив.
Во многу случаи содржините првично биле создадени доброволно, за време на интимна врска, но подоцна биле злоупотребени по раскинувањето.
Во Хрватска ваквото постапување е посебно кривично дело од 2021 година, благодарение и на иницијативата на здружението „Б.а.б.е.“, кое со години работи на заштита на жртвите на насилство.
Претставничката на здружението, Петра Контиќ, предупредува дека жртвите честопати се соочуваат со дополнителна осуда од околината.
Наместо вниманието да биде насочено кон лицето што ги злоупотребило фотографиите, жртвите неретко добиваат прашања зошто воопшто се фотографирале или ги испратиле интимните содржини.
Според официјалните податоци, хрватската полиција во 2025 година регистрирала 47 случаи на ваков вид злоупотреба.
Сепак, останува прашањето колку случаи никогаш не биле пријавени, поради страв, срам или недоверба во институциите.
Новинарката Ана Трцол, преку емисијата „Проверено“, истражува колку сериозно институциите ги третираат ваквите кривични дела, какви казни добиваат сторителите и дали постојните механизми обезбедуваат доволна заштита за жртвите.
Случајот на оваа жена уште еднаш го отвора прашањето за опасностите од злоупотребата на приватни фотографии и последиците што дигиталното насилство може да ги остави врз животот на една личност.







