ПРВ.мк
Црна Хроника

Нови детали за нападот училиште: 19-годишник носел и експлозивна направа во ранецот

Нови детали за нападот училиште: 19-годишник носел и експлозивна направа во ранецот

Нови детали се појавија за нападот во училиште во Остроленка, во североисточниот дел на Полска, во кој девет лица биле повредени.

Според полското обвинителство, 19-годишниот ученик осомничен за нападот со нож во својот ранец носел и импровизирана експлозивна направа.

Државниот обвинител Даријуш Корнелук изјавил дека истрагата утврдила дека осомничениот влегол во училишниот двор вооружен со нож, а во ранецот имал и експлозивна направа која, според првичните сознанија, била блиску до активирање.

Во еден момент од ранецот почнал да излегува чад, по што наставници и ученици реагирале и го отстраниле ранецот од просторијата.

Обвинителството соопштило дека експлозивната направа е обезбедена и дека ќе бидат спроведени дополнителни вештачења и истражни дејствија.

Поради новите околности, правната квалификација на делото, која првично се однесувала на обид за убиство, најверојатно ќе биде дополнително проширена.

Гувернерот на Мазовскиот регион, Мариуш Франковски, претходно соопштил дека во нападот биле повредени вкупно 10 лица, меѓу кои и самиот осомничен.

Нападот се случил нешто по 11 часот, а повредените биле пренесени во болници во Остроленка и Ломжа.

Од обвинителството претходно соопштиле дека осомничен за нападот е 19-годишниот ученик Јакуб З.

Истрагата за целиот случај продолжува.