Повеќекратниот шампион на Србија во билјард, Горан Младеновиќ – Грга (60), почина по тешката сообраќајна несреќа што се случи на магистралниот пат Ниш–Приштина, во близина на селото Висока кај Куршумлија.
Според првичните информации од српските медиуми и полицијата, несреќата се случила кога „ауди“ со германски регистарски таблички преминало на спротивната коловозна лента и директно се судрило со автомобилот во кој се наоѓал Младеновиќ.
Неофицијално, тој кобниот ден патувал кон Подуево заедно со сопругата. Во несреќата биле повредени шест лица, а Младеновиќ подоцна им подлегнал на повредите.

Полицијата соопшти дека поради несреќата е приведен возачот на „аудито“, а околностите под кои дошло до судирот се предмет на истрага.
Останатите повредени веднаш биле пренесени во болницата во Прокупље, а дел од нив, поради сериозноста на повредите, се транспортирани во Универзитетскиот клинички центар во Ниш. Неколку лица остануваат на болничко лекување, додека нивната здравствена состојба се следи.
Веста за смртта на Младеновиќ предизвика голема тага во спортската јавност. Од него се простија бројни билјард клубови, колеги и пријатели, кои го опишаа како врвен спортист, исклучителен човек и личност што оставила длабока трага во српскиот и регионалниот билјард.









