ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВ ЗАКОН: Затвор за емитување насилни содржини на социјалните мрежи

НОВ ЗАКОН: Затвор за емитување насилни содржини на социјалните мрежи

Полскиот парламент усвои нов закон со кој значително се заоструваат правилата за објавување и емитување насилни содржини на интернет. Според новите одредби, лицата кои во живо пренесуваат или објавуваат содржини поврзани со тешки кривични дела како убиства, силувања и други форми на насилство, ќе можат да бидат казнети со затвор до пет години.

Законот опфаќа и содржини кои прикажуваат суровост кон животни, понижување на други лица, како и промовирање на коцкање. Исто така, казни се предвидени и за лица кои лажно прикажуваат или симулираат извршување на вакви кривични дела за време на интернет преноси.

Оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Полска за поголема контрола врз дигиталните содржини. Во последниот период земјата усвои и дополнителни ограничувања, меѓу кои забрана за користење мобилни телефони од страна на ученици помлади од 16 години во училиштата, како и построги правила за проверка на возраста при пристап до порнографски содржини.

Иако Европската Унија преку Законот за дигитални услуги (DSA) бара од платформите брзо да отстрануваат нелегални и насилни содржини, казнувањето на лицата кои ги создаваат или емитуваат овие материјали е регулирано на национално ниво. Со новиот закон, Полска станува една од земјите со најстроги санкции во оваа област.