Страшен случај ја потресе Бугарија, откако сообраќајна несреќа предизвикана од 14-годишно момче довела до откривање мртво тело во багажникот на семеен „мерцедес“.
Инцидентот се случил во Димитровград, кога малолетникот изгубил контрола врз автомобилот и удрил во контејнер за ѓубре.
По несреќата, момчето и неговата 32-годишна мајка избегале, но сведоци веднаш ги известиле итните служби.
При полицискиот преглед на автомобилот, во багажникот било пронајдено телото на 67-годишниот Петар, сопруг на жената и очув на момчето.
Според бугарските медиуми, мажот имал убодна рана во пределот на срцето, а истражителите се сомневаат дека бил убиен од сопругата.
Постојат сомневања дека нејзиниот постар син ѝ помогнал да го завитка телото во ќебе и да го стави во автомобилот.
Според истрагата, мајката и синот наводно планирале телото да го фрлат во реката Марица, но сообраќајната несреќа го спречила нивниот план.
Бугарските медиуми пренесуваат дека можен мотив бил имотот на починатиот и неговите финансиски приходи, но овие сомневања сè уште се предмет на истрага.
Жената била приведена, додека за нејзиниот 14-годишен син и двете помали деца била определена полициска заштита.
Обвинителството треба да одлучи дали малолетникот ќе биде кривично гонет.
Надлежните продолжуваат да ги утврдуваат околностите на смртта, улогата на осомничените и можниот мотив за злосторството.









