ПРВ.мк
Македонија

Промени во извршувањето на казните: На маса воведувањето електронски алки за куќен затвор

Промени во извршувањето на казните: На маса воведувањето електронски алки за куќен затвор

Можноста за воведување електронски алки за надзор на лицата во куќен притвор и куќен затвор била една од темите на средбата меѓу директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, и директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.

Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, двајцата директори разговарале за актуелните состојби во казнено-поправните установи, со посебен акцент на затворите „Идризово“ и „Скопје“.

„Беше разговарано и за воведувањето електронски надзор со електронски алки при извршувањето на куќниот притвор и куќниот затвор“, соопшти МВР.

На состанокот бил ставен акцент и на зајакнувањето на оперативно-разузнавачките капацитети во затворскиот систем.

Целта е навремено препознавање на безбедносните ризици, подобра размена на информации и спречување криминални активности поврзани со казнено-поправните установи.

Посебно внимание било посветено на координацијата меѓу институциите, која се смета за важна за поефикасно постапување и подобрување на безбедноста.

Од МВР нагласуваат дека Бирото за јавна безбедност и Управата за извршување санкции ќе продолжат со заеднички активности за унапредување на безбедносните капацитети.

Засега нема официјална одлука за воведување електронски алки, ниту е соопштен рок кога ваквиот систем би можел да започне со примена.