ПРВ.мк
Црна Хроника

Неофицијално позната можната причина за смртта: Нови детали за 39-годишникот пронајден пред болницата во Битола

Неофицијално позната можната причина за смртта: Нови детали за 39-годишникот пронајден пред болницата во Битола

Нови детали отвораат повеќе прашања околу смртта на 39-годишниот Ј.И. од Струмица, кој на 31 август беше пронајден мртов во близина на Клиничката болница во Битола.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како непознат маж влече лице во бессознание по калдрмата на Широк Сокак. Од Обвинителството за Телма потврдиле дека станува збор за истиот 39-годишник кој подоцна бил пронајден мртов.

Според Обвинителството, во текот на претходната ноќ добиле усно известување за тепачка во близина на местото каде што била направена снимката. Како што наведува Телма, писмено известување од МВР за таков настан дотогаш не било доставено.

Првичните сознанија на Обвинителството покажуваат дека по инцидентот струмичанецот се јавил во Ургентниот центар во битолската болница. По прегледот бил упатен на дополнителни испитувања.

Сепак, останува нејасно што се случувало во часовите потоа и кога точно ја напуштил болницата. Приближно 12 часа подоцна бил пронајден без знаци на живот.

Од МВР претходно соопштија дека случајот бил пријавен на 31 август околу 12:15 часот. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.

Телма, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека можна причина за смртта бил срцев застој. Сепак, официјален резултат од обдукцијата засега нема, па причината за смртта не е конечнo утврдена.

Од Обвинителството велат дека целиот настан се испитува. Засега нема официјално објаснување кој е човекот што се гледа на снимката како го влече 39-годишникот, каква била неговата улога, ниту дали претходната тепачка е поврзана со подоцнежната смрт.

Токму резултатите од обдукцијата и понатамошната истрага треба да дадат одговор што точно му се случило на Ј.И. во неговите последни часови.