В.А. (56) од неготинското село Војшанци, за која полицијата и јавноста веруваа дека е исчезната од 28 јули, се огласи и откри дека е жива, здрава и дека сама ја напуштила семејната куќа. Во изјава за „Вики Медиа“, таа истакна дека пред заминувањето му оставила подолго писмо на сопругот во кое објаснила каде оди и зошто си заминува, и не сфаќа зошто тој ја пријавил како исчезната.
„Никој од убаво не бега. Трпев семејно насилство, слушав навреди и повеќе не можев да издржам, затоа заминав. Сега нема потреба да се кријам. Се преселив во Неготино и сакам медиумите и институциите да знаат дека сум добро“, изјави таа.
На забелешката дека треба да ја извести и полицијата во Неготино, В.А. рече дека наскоро ќе го стори тоа и ќе се јави во станица за разговор, за да се прекинат мерките за нејзино пронаоѓање.
Од СВР Велес потврдија дека на 28 јули во 03:00 часот сопругот на В.А. пријавил дека таа го напуштила домот, по што биле преземени мерки за нејзино барање. Дури десет дена подоцна, полицијата сè уште водела постапка за пронаоѓање, не знаејќи дека таа доброволно заминала и започнала нов живот.