Официјална Турција објави дека нема да ги почитува новите регулативи на Европската Унија кои предвидуваат целосно откажување од увоз на руски гас до крајот на 2027 година. Како клучна транзитна земја за руска енергија, Турција смета дека едностраните санкции на ЕУ се ризик за економијата и енергетската безбедност. Министерството за надворешни работи во Анкара нагласува дека ги спроведува само санкциите усвоени од Советот за безбедност на ООН.
Европската комисија предлага строга контрола на увозот, барајќи од компаниите да пријавуваат потекло на гасот, но Турција, како земја што не е членка на ЕУ, нема правна обврска да ги следи овие правила. Експертите предупредуваат дека неодговорниот став на Анкара може да отвори „задна врата“ за рускиот гас да влегува во Унијата, особено преку транзитните точки кон Бугарија и Грција.
Ова доаѓа во време на најниско ниво на односи меѓу ЕУ и Турција, поради политички несогласувања и репресивни мерки против опозицијата. Без соработка со Анкара, ефективното спроведување на енергетските санкции против Москва е сериозно доведено во прашање.