ПРВ.мк
Црна Хроника

МУЗИЧКИОТ СВЕТ ВО ТАГА: Пронајден мртов продуцентот зад најголемите светски хип-хоп хитови!

МУЗИЧКИОТ СВЕТ ВО ТАГА: Пронајден мртов продуцентот зад најголемите светски хип-хоп хитови!

Музичката индустрија е потресена од веста за смртта на Теј Кит, еден од највлијателните и најбарани хип-хоп продуценти на својата генерација, кој бил пронајден мртов во својот стан во Нешвил. Имаше само 29 години.

Теј Кит, чие вистинско име е Бритавиус Чемберс, во изминатите години изгради статус на еден од најуспешните продуценти во современата музика. Неговиот препознатлив звук стои зад бројни светски хитови, а соработуваше со некои од најголемите музички имиња како Дрејк, Тревис Скот, Бијонсе, Еминем, Карди Би, Фјучр, Меган Ди Сталион, Џеј Кол и 21 Севиџ.

Според информациите од полицијата во Нешвил, продуцентот бил пронајден без знаци на живот во својот стан на улицата Мартин, откако полициски службеници пристигнале да извршат проверка на неговата состојба.

Од Полициската управа на Метро Нешвил соопштиле дека засега нема индиции за кривично дело поврзано со неговата смрт. Причината сè уште не е утврдена и ќе биде позната по завршувањето на обдукцијата и дополнителните анализи.

Кариерата на Теј Кит доживеа огромен подем во 2018 година кога ги продуцираше хит-песните „Sicko Mode“ на Тревис Скот и „Nonstop“ на Дрејк. Токму „Sicko Mode“ му ја донесе и првата номинација за престижната музичка награда Греми во категоријата за најдобра рап-песна.

Втората номинација за Греми ја доби во 2024 година благодарение на песната „Rich Flex“, која ја изведуваат Дрејк и 21 Севиџ.

Неговиот потпис остана врежан и во бројни други успешни музички проекти, меѓу кои се „Look Alive“ на БлокБој Џеј-Би, „Before I Let Go“ на Бијонсе, „Not Alike“ на Еминем, „Pound Town“ на Сексии Ред, како и повеќе хитови на Лил Бејби, Карди Би, Лил Нас Икс, Манибег Јо и други познати изведувачи.

Во последните години работеше на албумот „Megan“ на Меган Ди Сталион, на песната „Just Us“ на Џек Харлоу и Доџа Кет, како и на синглот „4x4“ на Тревис Скот.

Роден во Мемфис, Теј Кит започнал да се занимава со музика уште како тинејџер. Интересно е што паралелно со градењето на музичката кариера ги продолжил и студиите на Универзитетот „Мидл Тенеси Стејт“, каде дипломирал интегрирани студии и медиумски менаџмент.

Во едно свое интервју изјавил дека никогаш не размислувал сериозно да се откаже од образованието и покрај растечката музичка слава, нагласувајќи дека сакал да ја исполни и таа лична цел.

Заедно со својот менаџер Камбријан Стронг ја основал музичката компанија „Dramatized Music Group“, а нивниот успех бил препознаен и од светските медиуми. Двајцата се најдоа на престижната листа „30 Under 30“ на Форбс, додека магазинот „Билборд“ го вброи Теј Кит меѓу највлијателните музички продуценти на 21 век.

По објавувањето на веста за неговата смрт, бројни музичари и соработници се простија од него преку социјалните мрежи.

Раперот БлокБој Џеј-Би, кој го познавал уште од младоста, објави емотивна порака во која напиша дека секојдневно комуницирале и дека не можел да поверува во трагичната вест.

Почит му оддаде и британскиот рапер Еј Џеј Трејси, кој го нарече легенда на современата сцена и истакна дека неговото влијание врз музиката и врз кариерите на многу уметници ќе остане трајно запаметено.

Со неговото заминување, музичката индустрија останува без еден од најкреативните продуценти на новата генерација, човек чии хитови го обликуваа звукот на модерниот хип-хоп ширум светот.