ПРВ.мк
Црна Хроника

МОРНИЧАВА МИСТЕРИЈА НА БАЛКАНОТ: Пронајдени човечки останки што би можеле да откријат што им се случило на 23 исчезнати лица!

МОРНИЧАВА МИСТЕРИЈА НА БАЛКАНОТ: Пронајдени човечки останки што би можеле да откријат што им се случило на 23 исчезнати лица!

Нови докази откриени во селото Мала Калуѓерка кај Зубин Поток повторно ја отворија една од најболните и најнеразјаснетите приказни од војната во Косово. По пронаоѓањето човечки останки и делови од облека, косовските власти започнаа детални ископувања, а првичните судско-медицински анализи потврдиле дека коските се од човечко потекло и имаат форензичко значење.

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека првичните сомневања упатуваат на можноста останките да им припаѓаат на 23 интелектуалци од Митровица, кои биле киднапирани и присилно исчезнале на 19 април 1999 година. Сепак, тој нагласи дека засега нема официјална потврда за нивниот идентитет и дека конечниот одговор ќе го дадат форензичките испитувања.

Од Специјалното обвинителство на Косово апелираа јавноста да не носи предвремени заклучоци. Според обвинителите, во овој момент е прерано останките да се поврзуваат со конкретни исчезнати лица, бидејќи процесот на идентификација сè уште е во тек. Тие посочуваат дека локацијата досега не била целосно истражена во рамките на потрагата по лицата исчезнати за време на конфликтот во 1998 и 1999 година.

Паралелно со ископувањата, косовските власти уапсија двајца косовски Срби со иницијали М.Ј. и М.Б., кои се осомничени за воени злосторства врз албанското цивилно население во регионот на Митровица. На двајцата им е одредено задржување, а според полициските информации, истрагата се однесува на случај поврзан со убиството на 23 цивили во 1999 година.

Во меѓувреме, албанскиот медиум „ABC News“ објави и друга верзија на настаните. Според нивните информации, откриените останки можеби се поврзани со група од 28 лица кои за време на војната се движеле кон границата со Црна Гора. Наводно, петмина успеале да се спасат, додека 23 лица исчезнале без трага. Сепак, оваа информација засега не е официјално потврдена од обвинителството и се разликува од верзијата која се однесува на исчезнатите интелектуалци од Митровица.

И по повеќе од две децении од завршувањето на војната, судбината на околу 1.600 лица во Косово сè уште останува непозната. Потрагата по исчезнатите продолжува, а новите ископувања во Зубин Поток се спроведуваат со учество на судско-медицински експерти, Комисијата за исчезнати лица, косовската полиција и мисијата ЕУЛЕКС.

Надлежните институции нагласуваат дека сите пронајдени докази ќе бидат предмет на детални форензички анализи, по што ќе стане појасно дали ова откритие навистина ќе помогне во расветлувањето на една од најголемите мистерии поврзани со исчезнатите лица од војната.