ПРВ.мк
Црна Хроника

МОНСТРУОЗНО УБИСТВО: Ја убил сопругата пред трите деца, 10 години трпела језиво насилство!

МОНСТРУОЗНО УБИСТВО: Ја убил сопругата пред трите деца, 10 години трпела језиво насилство!

Пред девет години, пред институцијата која требаше да ја штити белграѓанката Олга Ловриќ, се случи убиство поради кое три дечиња во еден ден останаа без двајцата родители.

Сопругот на Олга, Милан Ловриќ, на тој кобен 5 јули 2017 година дошол пред Центарот за социјална работа во Нов Белград, по што физички ја нападнал својата сопруга. Пред очите на децата и минувачите, Милан со дел од бетонски ивичник ја удирал мајката на дечињата во главата и ја убил на место. Неколку часа подоцна, тој извршил самоубиство скокајќи под воз.

Дури тогаш на површина почнаа да испливуваат пропустите на надлежните институции.

Десет години трпела злоставување

По убиството на Олга Ловриќ, беше откриено дека таа десет години преживувала тортура од страна на сопругот Милан. Во брак без расправии, како што пишуваше „Блиц“, биле само првите шест месеци, по што уследило психичко и физичко малтретирање кое не изостанало дури и кога била бремена.

Во Центарот за социјална работа првпат биле заведени кога поради повредите што ѝ ги нанел завршила во Ургентниот центар. Меѓутоа, насилникот не запрел тука, туку кренал рака и на најстариот син, и тоа поради четворка по англиски јазик.

Поради тоа, Милан бил осуден на две години затвор, но поради примерно однесување бил пуштен во април 2017 година. Од тогаш, Олга дури седум пати поднела пријава во полиција против него, но тој, и покрај забраната за приоѓање, доаѓал и им се заканувал.

Во последниот телефонски разговор, Олга ѝ кажала на својата пријателка дека се плаши да биде сама со Милан.

Констатиран низа пропусти на Центарот за социјална работа

Третото основно јавно обвинителство во Белград објави на крајот на август 2017 година дека добило податоци дека Градскиот центар за социјална работа во Белград, поради пропусти во случајот на Олга Ловриќ, покренал дисциплинска постапка против седум социјални работници.

Комисијата на Министерството за труд и вработување констатирала низа пропусти во работата на вработените во Центарот, меѓу кои:

  • Ненавремено постапување и непотполно реализирани проценки во смисла на утврдување на сите релевантни факти.
  • Лоша заштита на жртвата, што влијаело на обемот на заштита на убиената Олга, но и на заштитата на најдобриот интерес на нејзините три малолетни деца.
  • Изостанок на адекватна комуникација меѓу различните институции надлежни за постапување при семејно насилство.

Судот можел да ја спречи трагедијата

Центарот за социјална работа во Нов Белград и Третиот основен суд не го усвоиле предлогот на адвокатот на убиената Олга да му се забрани на нејзиниот сопруг приоѓање до децата, ниту да му се дозволи гледање само на јавно место во присуство на вујкото.

Ловриќ почнал да ѝ се заканува на сопругата со насилство уште пред да излезе од затвор. Во март, речиси четири месеци пред убиството, Олга преку адвокат ги упатила првите пријави и го известила Центарот за социјална работа. Истовремено, таа поднела и тужба за развод на бракот. По излегувањето од затвор, сопружниците се сретнале на суд каде што требало да се договорат за условите под кои Милан ќе ги гледа своите три сина.

Адвокатите на несреќната жена барале неколку работи за да го направат гледањето на децата безбедно:

  1. Забрана за приоѓање и до децата: Милан веќе издржувал затворска казна бидејќи го претепал најстариот син и го избркал од дома поради четворка по англиски. Судот го одбил ова.
  2. Средби на јавно место: Барале средбите да не се одржуваат во Центарот, туку во познат трговски центар во Нов Белград. Ниту Центарот ниту судот не го прифатиле ова.
  3. Друго лице да ги носи децата: Барале момчињата на средба со таткото да не ги носи Олга, туку нејзиниот братучед. И овој предлог бил одбиен.

Бабата на дечињата добила старателство

По една година грижа за внуците и смртта на својата ќерка, во 2018 година, бабата Љиљана конечно добила старателство и станала законски старател на децата.

Таа ја водела борбата за старателство со месеци, а поддршката и помошта од Центарот за социјална работа изостанале дури и кога децата тргнале на училиште. Кога бабата зборувала за медиумите, од Центарот биле незадоволни бидејќи сметале дека со тоа се загрозуваат интересите на децата.

„Објавувањето на податоците не само што е во спротивност со законите, туку може да има и неповолно влијание врз емоционалната состојба на малолетните деца“, одговориле тогаш од Центарот на прашањата од „Блиц“.

Во својата исповед, Љиљана раскажала дека децата повеќе не прашуваат дали мама ќе се врати дома: – „Момчињата се свесни за сè и знаат сè, иако дома не коментираме и не зборуваме за тоа, тоа се гледа по нивните изјави и ставови. За родителите речиси и не прашуваат, освен најмалиот, кој постојано ја споменува мама“, изјавила тогаш Љиљана Антиќ.