Италијанската полиција запленила околу 414 килограми хашиш во градот Гвидонија, во близина на Рим, чија проценета вредност надминува четири милиони евра. Во рамки на акцијата бил уапсен 29-годишен маж од албанско потекло.
Полицајците го запреле осомничениот додека, според истрагата, се обидувал да стави неколку големи куфери во багажникот на автомобил. При проверката во нив биле пронајдени околу 98 килограми хашиш.
Истрагата потоа била проширена откако кај 29-годишникот биле пронајдени клучеви. Полицијата, врз основа на нив, дошла до повеќе простории во Гвидонија и Рим за кои постоело сомнение дека биле користени како места за складирање и дистрибуција на наркотични средства.
При претресот на една од локациите, полицајците откриле дополнителна голема количина хашиш. Дрогата била сокриена во фрижидери кои, наместо за вообичаена намена, биле користени како простор за складирање.
На истата локација бил пронајден и материјал за пакување на дрогата, како и рачно напишани белешки во кои биле евидентирани количини и различни пресметки, што дополнително го насочило вниманието на истражителите кон сомнежите за организирано складирање и дистрибуција.
На 29-годишниот осомничен му е определен притвор во текот на истрагата, додека италијанските власти продолжуваат со утврдување на сите околности поврзани со запленетата дрога.








