Инспекторите на Град Скопје вчера вечерта затекнале лице како фрла градежен шут и кабаст отпад во близина на контејнерите во општина Кисела Вода, со што се создавала дива депонија.
Случајот веќе е санкциониран, а градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, порача дека за ваквото однесување нема да има толеранција.
Додека градските екипи работат на одржување на јавната чистота, како што посочи Ѓорѓиевски, поединци со неодговорно однесување повторно ги загадуваат јавните површини и животната средина.
Тој повтори дека Град Скопје има политика на „нулта толеранција“ кон лицата кои јавните простори ги користат за незаконско оставање отпад и создавање диви депонии.
Според градоначалникот, инспекторите континуирано се присутни на терен и преземаат мерки кога ќе бидат регистрирани вакви прекршоци. Во исто време, во тек е постапка за поставување камери на јавни површини, со што се очекува полесно да се идентификуваат лицата кои го оставаат отпадот на недозволени места и побрзо да следуваат санкции.
„Скопје е наш заеднички дом. Да се однесуваме одговорно“, порача Ѓорѓиевски.








