ПРВ.мк
Црна Хроника

МИЛИОНСКА ШТЕТА ОД КРАЖБА НА СТРУЈА ВО КИЧЕВО! Во казино откриена неовластена потрошувачка - еве за каква сума станува збор!

МИЛИОНСКА ШТЕТА ОД КРАЖБА НА СТРУЈА ВО КИЧЕВО! Во казино откриена неовластена потрошувачка - еве за каква сума станува збор!

Специјализиран тим на „Електродистрибуција“ открил неовластено користење електрична енергија во казино лоцирано на улицата „Магистрален пат“ во Кичево. При контролата било утврдено дека е интервенирано во работата на две електрични броила со цел да не се регистрира целосната потрошувачка.

Од компанијата информираат дека до откривањето на случајот дошло по детални анализи на потрошувачката и следење на начинот на користење на електричната енергија. При теренската проверка, екипите забележале невообичаено функционирање на мерните уреди, како и абнормално зуење што доаѓало од мерниот ормар.

Извршените мерења покажале фреквенција од 225 до 340 херци, наместо вообичаените 50 херци. Според „Електродистрибуција“, бил користен уред за манипулација со фреквенции, за кој се наведува дека бил набавен на црниот пазар. Со неговата употреба било овозможено делумно или целосно да не се евидентира реално потрошената електрична енергија на двете мерни места.

Поднесена пријава до МВР, утврдена штета од над 2,7 милиони денари

По откривањето на неправилностите, бил составен записник за неовластено користење електрична енергија. Дополнително, до Министерството за внатрешни работи била поднесена пријава за неовластено преземање електрична енергија, согласно член 235-а од Кривичниот законик.

За секое од двете мерни места биле изготвени посебни фактури за надомест на предизвиканата штета. Вкупниот износ што треба да се надомести е 2.722.798 денари.

Од „Електродистрибуција“ посочуваат дека случајот бил откриен благодарение на анализите на потрошувачката и специјализираните теренски контроли.

Најнови вести