ПРВ.мк
Црна Хроника

АЛАРМАНТНИ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО! Пријавени напади врз жени, деца и блиски роднини - ова е бројката за само 24 часа!

АЛАРМАНТНИ СЛУЧАИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО! Пријавени напади врз жени, деца и блиски роднини - ова е бројката за само 24 часа!

Десет случаи поврзани со семејно насилство, физички напади, закани и непочитување судски забрани за приближување до членови на семејството се евидентирани во полицискиот билтен на Министерството за внатрешни работи.

Меѓу пријавените настани има случаи во кои сопрузи ги нападнале своите партнерки, заканувале на членови на семејството, но и инциденти во кои биле нападнати баби и поранешни партнери.

Во Македонски Брод е поднесена кривична пријава против 56-годишен маж, кој, според пријавата, на 6 ноември физички ја нападнал сопругата и барал од неа да ја повлече претходната пријава за семејно насилство. За тој случај било закажано судско рочиште.

Кривична пријава има и против 38-годишен жител на Кочани. Според пријавеното, на 17 октомври тој се однесувал агресивно кон сопругата и му упатувал закани на својот 18-годишен син.

Во Струмица, полицијата го лишила од слобода 27-годишниот В.Д. од струмичко, по пријава дека физички ја нападнал сопругата.

Случај на семејно насилство е пријавен и во Битола, каде што 21-годишна жена пријавила дека била нападната од партнерот. Според нејзините наводи, таа подолг период била изложена на физичко и психичко малтретирање, како и на закани.

Во Радовиш бил приведен 19-годишник по пријава дека физички ја нападнал својата 70-годишна баба. Во Битола, пак, бил лишен од слобода 22-годишен маж поради пријавен напад врз неговата 22-годишна вонбрачна партнерка.

Закани, демнење и непочитување судски забрани

Кривична пријава е поднесена и против 34-годишен жител на Гостивар, поради сомнение за загрозување на сигурноста и демнење. Според пријавата, на 4 ноември тој ѝ испраќал заканувачки пораки преку мобилна апликација на сопругата, со која е во бракоразводна постапка, а истовремено ја снимал со мобилен телефон.

Во Гевгелија била приведена 33-годишна жена од гевгелиско, по пријава дека физички го нападнала својот поранешен партнер.

Во Велес, полицијата извршила службен разговор со 70-годишна жена по пријава дека не ја почитувала судската забрана со која ѝ било забрането да му се приближува, да му се заканува и да го малтретира својот 66-годишен девер. Според пријавата, таа повторно му упатувала закани.

Уште еден случај е регистриран во Тетово, каде што кривична пријава е поднесена против 33-годишен жител. Според пријавеното, на 14 октомври тој ѝ се заканувал на сопругата додека заедно се движеле со нивното возило.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека за дел од случаите сè уште се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настаните, по што ќе следуваат соодветни пријави.

Најнови вести