Младата Симона Чина (18) беше пронајдена мртва на дното од базенот во вила во Багерија, близу Палермо, по матурска забава.
Полицијата се сомнева дека станува збор за удавување, а телото е испратено на обдукција, која ќе открие повеќе детали, вклучително и резултатите од токсиколошките анализи.
Костимот за капење, облеката и плажните крпи на Симона се испратени на форензичка анализа. За време на прославата биле присутни пет шишиња џин, шест шишиња вино и 12 шишиња шампањ, кои полицијата исто така ги анализира.
Семејството истакнува дека Симона била одлична пливачка и спортистка, па причините за трагичната смрт се непознати.
Полицијата сослушала сите присутни на забавата и, врз основа на нивните сведоштва, се сомнева дека Симона паднала во базенот непосредно пред крајот на прославата, а другите не ја забележале. Кога била пронајдена, веќе било предоцна, а итната помош само можела да ја потврди смртта.
Според Обвинителството, телото било пронајдено околу четири часот наутро, на дното од базенот во еден агол, под слабото осветлување, далеку од барот и тоалетите.