Димо Наум Димчев, познат и под влашкото име Дина Кувата, почина, оставајќи неизбришлив белег во културниот и општествениот живот на Власите во Македонија. Како активист, писател и општественик, тој беше меѓу најзаслужните за остварување на основните институционални права на влашката заедница во поновата македонска историја, објави СДК.
Кувата беше основач и прв уредник на Редакциите за влашки јазик на МРТ, претседател на Унијата за култура на Власите од Македонија и на здружението „Питу Гули“ од Скопје, како и основач и прв претседател на Лигата на Власите од Македонија. Тој исто така беше еден од основачите на Демократскиот сојуз на Власите.
Меѓу неговите најголеми заслуги е внесувањето на Власите во Преамбулата на Уставот на Македонија, воведувањето на Националниот ден на Власите, 23 Мај, како официјален празник, и воведувањето на факултативната настава по влашки јазик во македонските основни училишта во 1995/96 година.
Дино Кувата беше истакнат поет и писател, познат и надвор од Македонија, како единствен Влав член на Друштвото на писателите на Македонија. Тој беше извонреден преведувач од и на влашки, романски и македонски јазик, вклучувајќи ги и преводите на Библијата на влашки, „Божествена комедија“, „Илијада“, „Одисеја“, „Енеида“ и многу други класични дела. Неговиот книжевен опус брои над 120 книги и 64 изданија на единственото влашко списание во Македонија, „Влашкиот збор“, како и иницијалните броеви на списанието „Феникс“.
Кувата беше основач на Влашкото научно друштво „Константин Белемаче“, издавајќи 29 броја на списанието „Документи“, со над 200 научни трудови за Власите. Тој беше коавтор на првиот влашки „Абецедар“, со што започна формалниот процес на изучување на влашкиот јазик во Македонија.
Со неговата смрт, Власите и македонската културна сцена губат еден од своите најголеми борци за идентитет, писменост и културно наследство.
















