Битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ се прости од својата 17-годишна ученичка Ивана Недановска, која го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што се случи на патниот правец Битола–Прилеп, во близина на местото „Туланата“.
Ивана била ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола. По трагичниот настан, од училиштето упатија емотивна проштална порака, изразувајќи длабока жалост и сочувство до нејзиното семејство, пријателите и сите нејзини блиски.
Во пораката од гимназијата се истакнува колку е тешко човекот да се соочи со загубата на млад живот, особено кога станува збор за некој кој требало да има уште многу години пред себе.
„Човекот низ вековите научил да поднесува многу нешта, но не научил лесно да го прифаќа она што му изгледа спротивно на самиот ред на животот: старите да останат, а младите да заминат; оние што веќе имаат спомени да продолжат да ги создаваат, а оние што требало допрва да ги создаваат, самите да станат спомен. Тука секоја утеха станува мала. И секој голем збор е недостоен. Останува само тагата...“, се наведува во прошталната порака од битолската гимназија.
Трагичната сообраќајна несреќа се случила на 19 септември, во саботата, околу 18:29 часот на патот Битола–Прилеп, кај местото „Туланата“.
Во несреќата учествувале две возила. Станува збор за автомобил „опел“, управуван од 28-годишен жител на Канатларци, и автомобил „форд“, кој го управувал 48-годишен жител на Долно Српци.
Ивана била сопатничка во „опелот“. Таа, за жал, починала на местото на несреќата.
Во тешкиот судир биле повредени и други лица. Меѓу повредените биле двајцата возачи, односно 28-годишниот возач на „опелот“ и 48-годишниот возач на „фордот“, како и 44-годишна жена и седумгодишно дете.
Трагичниот настан остави длабока болка меѓу учениците, наставниците и вработените во битолската гимназија, кои се простија од Ивана со порака исполнета со тага и сочувство.






