Бугарската јавност е во шок по трагедијата што се случи во студентски дом во градот Угрчин, каде биле пронајдени телата на две девојки, од кои едната е малолетна, и едно младо момче. Според првичните информации од тамошните медиуми, станува збор за случај што најверојатно бил поттикнат од љубовни односи и жестока расправија.
Според бугарскиот весник „Труд“, полицијата веќе привела осомничен маж по име Петар, кој се товари дека ги убил младото момче и неговата девојка.
Неофицијалните информации посочуваат дека осомничениот претходно бил во љубовна врска со убиеното момче, идентификувано како Јулијан Левчев. По неговото враќање од затвор, наводно дознал дека Јулијан започнал нова врска со девојка, што, според медиумските извештаи, довело до силни тензии.
Наводно, тројцата претходно заедно консумирале алкохол, по што се упатиле во студентскиот дом каде престојувал Јулијан. Со нив била и 15-годишна девојка. По избувнувањето на расправијата, осомничениот, според првичните информации, со нож ги усмртил поранешниот партнер и неговата девојка.
Во трагедијата животот го загубила и 15-годишната девојка. Според првичните неофицијални информации што ги пренесуваат бугарските медиуми, таа во обид да се спаси скокнала од балконот и починала на местото на настанот. Сепак, истражните органи не ја исклучуваат можноста и таа да била жртва на насилство, па точните околности ќе бидат утврдени со истрагата.
Студентскиот дом каде се случила трагедијата се наоѓа во непосредна близина на училиштето во Угрчин. Полициски екипи и обвинителството извршиле увид на местото на настанот, а истрагата продолжува со цел целосно да се утврдат мотивите и сите околности што довеле до овој шокантен случај.
Надлежните институции засега не соопштуваат повеќе официјални детали, додека јавноста во Бугарија со неверување ги следи информациите за еден од најпотресните случаи во последниот период.







