Апелациониот суд во Нови Сад му изрече максимална казна затвор од 20 години на воспитувач кој беше осуден за сексуална злоупотреба на деца и изработка на детска порнографија, откако ја преиначи претходната пресуда со која му беа изречени 18 години и три месеци затвор.
Второстепената одлука следуваше по жалбите поднесени од Вишото јавно обвинителство и одбраната на обвинетиот, по што судот одлучи на 28-годишниот И.О. да му ја изрече највисоката законски предвидена казна за делата за кои беше прогласен за виновен.
Претходно, Вишиот суд во Сомбор утврди дека обвинетиот сторил 29 кривични дела поврзани со недозволени полови дејствија, како и едно кривично дело поврзано со детска порнографија.
Случајот излегол на виделина откако четиригодишно дете им кажало на своите родители дека воспитувачот го фотографирал без облека. По пријавата била спроведена стручна проценка која ги потврдила исказите на детето, а истрагата потоа била значително проширена.
При претрес на мобилниот телефон на обвинетиот, истражителите пронашле фотографии од повеќе деца, што довело до проширување на истрагата и зголемување на бројот на оштетени во предметот.
Родителите на децата кои, според обвинението, биле жртви на злоупотреба, внимателно го следеле судскиот процес, стравувајќи дека казната нема да биде соодветна на тежината на делата.
Една од мајките на оштетените деца изјавила дека судењето било исклучително тешко за семејствата, бидејќи повторно ја преживувале траумата, а дополнително ги вознемирило тоа што дел од исказите на децата биле оспорувани, иако повеќе психолози ја потврдиле нивната веродостојност.
Со конечната одлука на Апелациониот суд во Нови Сад, обвинетиот е осуден на максимална затворска казна од 20 години.






