Професор од градот Блекпул во Велика Британија, Џејми Варли (37), е осуден на доживотна казна затвор за убиство на својот посвоен син, 13-месечниот Престон Дејви.
Варли ѝ кажал на полицијата дека момчето се удавило во када во јули 2023 година, но обдукцијата покажала дека тоа имало околу 40 повреди, пренесе „Скај Њуз“. Покрај убиството, Варли е осуден и за сексуално злоставување на детето, вклучувајќи 13 точки од обвинението кои се однесуваат на правење и поседување непристојни фотографии и видеоснимки.
Во истата постапка, неговиот партнер Џон Мекгован-Фазакерли (32) е осуден на 25 години затвор. Тој е прогласен за виновен за:
- Сексуален напад
- Свирепост кон дете
- Овозможување смрт на дете
Трагичниот и краток живот на малиот Престон
Малиот Престон е роден во затвор. Неговата мајка Сара Дејви е осудена за убиство на пензионер заедно со нејзина пријателка тинејџерка, и од својата 14-годишна возраст се наоѓа зад решетки.
Деби Дејви, бабата на бебето по мајчина страна од Олдхем, изјавила дека сакала да се грижи за Престон, но не можела да го стори тоа бидејќи ѝ бил дијагностициран рак на дојка. Веќе пет дена по раѓањето, тој бил сместен кај згрижувачите Сандра и Пол Купер, каде што бил среќен. Варли и неговиот партнер го посвоиле Престон кога имал девет месеци, пишува „Гардијан“.
Како што беше кажано за време на судењето, посвоителите го третирале како играчка. Обвинителот Питер Рајт изјавил дека бебето било „редовно сексуално злоставувано и физички напаѓано“.
„Варли и Мекгован-Фазакерли на 27 јули 2023 година го однеле момчето во болница бидејќи не давало знаци на живот, каде што лекарите 50 минути се обидувале да го реанимираат. Варли глумел скршен родител, беше речено на судењето, а една лекарка изјави дека таков 'перформанс' никогаш претходно немала видено“, стои во извештаите.
Патологот истакна дека причина за смртта на Престон била акутна опструкција на горните дишни патишта како последица на задушување или ставање предмети во устата на бебето.
Зошто надлежните не реагирале?
Овој случај го отвори прашањето дали надлежните служби пропуштиле прилика да го спасат Престон. Во текот на осумнеделното судење беше кажано кое во последните недели од неговиот живот бил под надзор на бројни експерти, меѓу кои биле социјални работници, лекари и медицински сестри.
Варли и Мекгован-Фазакерли трипати го носеле Престон во болница – еднаш дури и со скршена рака – и секој пат се враќале со него дома.
Комесарката за правата на децата во Англија, Рејчел де Соуза, оцени дека убиството на Престон претставува „огромен пропуст во заштитата на детето“. Говорејќи за емисијата „Тудеј“ на „Би-Би-Си“ пред изрекувањето на пресудата, таа се запраша дали на случајот не му било посветено поголемо внимание само затоа што Варли бил професор во средно училиште.
- „Дали тој зол злоставувач ги измамувал луѓето под таа професионална маска? Социјален работник го видел (Престон) 20 дена пред да почине. Сакам да знам дали постоел соодветен степен на професионална љубопитност. Имам огромен број прашања и нема да се откажам додека не ги добијам одговорите“, изјави таа.









