По сериозниот случај со 19-годишната пациентка Станка Михајлова од селото Баница, која по извршен втор царски рез во Клиничката болница во Штип добила параплегија и моментно се движи со инвалидска количка, Министерството за здравство официјално соопшти дека започнува вонреден инспекциски и стручен надзор.
Како што информираат надлежните, издаден е директен налог до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) за спроведување вонреден инспекциски надзор со цел целосно, детално и објективно да се утврдат сите фактори и околности поврзани со целокупното лекување на младата пациентка. Дополнително, министерот за здравство Сашо Клековски нагласи дека вонредниот надзор ќе биде спроведен во сите три здравствени установи каде што таа побарала и добила медицинска грижа.
По завршувањето на првичниот инспекциски надзор и деталниот увид во комплетната медицинска документација, Министерството ќе иницира и стручен надзор над досегашното лекување и постапувањето на сите здравствени работници и институции вклучени во третманот. Во оваа постапка, комисија составена од врвни експерти од областите на гинекологијата, неврологијата и урологијата ќе утврдува дали при медицинските интервенции настанале пропусти што придонеле за тешката здравствена компликација.
Од Министерството за здравство упатија апел до јавноста и медиумите да се воздржат од предвремени заклучоци и прејудицирање додека не завршат сите законски, инспекциски и стручни процедури, ветувајќи дека јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана за сите утврдени факти и евентуални понатамошни мерки.






