Четири лица се здобиле со повреди и биле пренесени во болница по групна тепачка што се случила во раните утрински часови во центарот на Куманово, информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Според информациите од полицијата, настанот бил пријавен на 28 јуни во 04:46 часот, а физичката пресметка започнала околу 03:00 часот пред трговски центар на улицата „Гоце Делчев“. На конфликтот, како што се наведува, му претходела вербална расправија која брзо прераснала во физичка пресметка.
Во инцидентот учествувале А.Т., М.Т. (29), П.З. (39) и И.С. (34), сите од Куманово, како и уште две машки и две женски лица, чиј идентитет засега не е соопштен.
Со телесни повреди се здобиле М.Т., П.З., И.С. и А.Т., а по укажаната лекарска помош во Општата болница во Куманово биле констатирани нивните повреди.
Од СВР Куманово информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следуваат соодветни пријави против лицата кои ќе бидат утврдени како одговорни за инцидентот.








