Полицијата од ОВР Кичево поднесе кривична пријава против двајца жители на Кичево, Ј.Д. (37) и А.А. (46), поради сомнение дека сториле обид за убиство, казниво по член 123 од Кривичниот законик.
Судијата на претходна постапка им одреди 30-дневен притвор, по што осомничените беа спроведени во Затвор-Битола.
Според информациите од МВР, на 4 јануари 2026 година околу 14:45 часот, на земјен пат кај месноста „Сеферов бунар“ во близина на Кичево, двајцата осомничени го нападнале Б.А. (39) со нож, по што избегале од местото на настанот. Повредениот бил пренесен во Општата болница во Кичево, а поради сериозноста на повредите продолжил со лекување во Градска општа болница „8 Септември“ во Скопје.
Во рамки на истрагата, по претходно обезбедена судска наредба, полициските службеници извршиле претреси во домовите на осомничените, при што биле пронајдени и одземени ножеви, кои ќе бидат користени како доказ во натамошната постапка.

















