Голема трагедија се случи во американската сојузна држава Охајо, каде пет лица ги загубија животите при обид да спасат човек кој почнал да се дави во реката Скиото.
Според информациите, сè започнало кога еден од возрасните влегол во реката да плива, но во еден момент се нашол во неволја и почнал да се дави. Останатите членови на групата веднаш се обиделе да му помогнат, но еден по еден влегувале во водата и завршиле во истата опасна ситуација.
Во трагичниот настан животот го загубиле пет лица – две жени и тројца мажи, кои се обиделе да го спасат давеникот, но силната вода и околностите не им дозволиле да излезат на безбедно.
Драмата ја пријавило едно од двете деца кои биле заедно со групата. Детето успеало да запре автомобил во близина и да побара помош, по што веднаш биле известени итните служби и започнала обемна спасувачка акција.
Спасувачките екипи истата вечер ги пронашле телата на двете жени, додека потрагата по тројцата мажи продолжила и тие биле пронајдени следниот ден.
Надлежните служби го истражуваат случајот и ги утврдуваат сите околности што довеле до оваа трагедија, која уште еднаш потсетува колку брзо една спасувачка акција може да се претвори во кобен настан.






