Фондот за здравствено осигурување разгледува можност породилното отсуство да се продолжи на цела година. Директорот Сашо Клековски потврди дека процесот е во фаза на анализа и дека одлуката ќе зависи од финансиските импликации и ефектите врз здравствениот и социјалниот систем.
Во моментов се истражува колку боледувањата пред и по породувањето се директно поврзани со бременоста и дали постои потреба од редизајнирање на моделот на породилни права. Честите отсуства отвораат прашање за подобар механизам кој би ги заштитил мајките, но и би го олеснил системот.
Фондот се соочува и со критики за доцнење на исплатите. Причината е што обработката на случаите сè уште се врши рачно, без целосна дигитализација. Клековски најави дека се работи на нов автоматизиран систем, сличен на пензискиот, кој ќе ја елиминира оваа слабост.
Во април е направена рекордна исплата за боледувања, но сепак постојат поединечни доцнења. Паралелно, ФЗОМ засилува контроли поради злоупотреби – претходните проверки во МВР покажале неправилности кај секое петто боледување.
Иако конечна одлука за продолжување на породилното уште нема, анализите ќе бидат основа за можни измени. Целта е да се обезбеди подобра заштита за мајките и истовремено да се спречат злоупотреби во системот.






