Славиша Пајкиќ, во светот познат како Биба Струја, почина на 67-годишна возраст по кратка, но тешка борба со болест. Веста ја потврдил неговиот син, кој открил дека уште во јануари му бил дијагностициран агресивен карцином на мозокот што брзо напредувал.
Тој бил погребан во своето родно село Полјана, во близина на Пожаревац, во присуство на најблиските членови на семејството и пријателите, кои му оддале последна почит.
Биба Струја важеше за вистински феномен, човек чија необична способност го воодушевуваше светот. Уште како тинејџер открил дека електричен напон од 220 волти не му предизвикува болка, што било почеток на неговата необична „кариера“.
Неговите способности му донеле и светска слава, потврдена со два записа во Гинисовата книга на рекорди. Првиот го поставил во 1983 година, кога бил признат како човек способен да издржи екстремно висок електричен напон. Вториот рекорд го остварил во 2003 година во Шведска, каде што користејќи го сопственото тело како проводник, успеал да загрее 15 милилитри вода од собна температура до речиси вриење (97 степени Целзиусови) за само една минута и 37 секунди.
Иако многумина се сомневаа и мислеа дека станува збор за трик, научниците понудиле објаснување за неговите способности. Истражувањата спроведени во Институтот за физика во Белград покажале дека тој имал ретка состојба наречена ектодермална дисплазија. Поради оваа состојба, неговата кожа била исклучително сува, без влакна и без потни жлезди, што ја правело одличен изолатор. Неговата отпорност на електрична струја била дури 50 пати поголема од онаа кај просечен човек.
Биба Струја ќе остане запаметен како еден од најнеобичните луѓе во светот, а неговата животна приказна била овековечена и со долгометражен документарен филм снимен во 2012 година, кој бил прикажуван на бројни меѓународни фестивали.





















