ПРВ.мк
Црна Хроника

(ФОТО) МАКЕДОНИЈА ВО ТАГА: Почина познатиот македонски новинар!

(ФОТО) МАКЕДОНИЈА ВО ТАГА: Почина познатиот македонски новинар!

Македонската јавност утрово ја потресе тажната вест за смртта на Живко Георгиевски, истакнат новинар, долгогодишен медиумски работник и поранешен директор на МИА, кој почина на 79-годишна возраст.

Георгиевски зад себе остави богата и значајна кариера во новинарството, во која со децении беше дел од најважните медиумски процеси во Македонија и пошироко на поранешните југословенски простори. Неговото име беше препознатливо во медиумскиот свет, а колегите и јавноста го паметат како професионалец кој целиот свој живот го посвети на информирањето и новинарската професија.

Во текот на својата кариера, тој беше директор на Македонската информативна агенција – МИА во периодот од 1998 до 2002 година, време во кое агенцијата имаше значајна улога во информирањето на јавноста. Претходно, уште во седумдесеттите години, бил и директор на Радио Охрид, каде оставил силен белег во локалното и националното новинарство.

Новинарскиот пат го започнал уште како средношколец во весникот „Вечер“, покажувајќи интерес и талент за медиумите уште од младоста. Подоцна работел во младинската редакција на Радио Охрид, а со заминувањето на студии во Белград неговата кариера продолжила да се развива и надвор од Македонија.

Особено значаен дел од неговиот професионален живот беше ангажманот во агенцијата Танјуг, каде долго време ја водел македонската редакција. Работел и како дописник од странство, а неколку години поминал во Џакарта, Индонезија, известувајќи за случувањата од тој дел на светот.

По враќањето во Македонија, повторно зазел важни позиции во медиумскиот сектор, а непосредно пред распадот на СФРЈ го формирал Македонското прес биро. Подоцна застанал на чело на МИА, институција од која и заминал во пензија.

Живко Георгиевски ќе биде погребан утре на градските гробишта во Охрид, градот со кој беше тесно поврзан во текот на целиот свој живот и кариера.