Подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Кичево во изминатите два дена и во текот на ноќта активно учествуваше во теренските активности за заштита и помош на населението погодено од поплавите во таканаречената „Прилепска населба“ во Кичево. Како дел од итните мерки, од магацинот на ДЗС беа обезбедени и транспортирани 30 полски кревети, како и соодветен број ќебиња за згрижување на населението.
Опремата беше пренесена со возила на ДЗС и поставена во спортската сала „Македонија“ во Кичево, каде што веќе беа сместени лицата кои привремено ги напуштија своите домови поради локалната поплава. Со оваа интервенција беа создадени основни услови за привремено сместување и заштита на погодените граѓани.

Паралелно со активностите во Кичевско, тимови на ДЗС беа ангажирани и на терен во Ресенско. Во текот на двата дена и ноќта, со специјализирани пумпи се извлекуваше навлезената вода од подруми, куќи и други објекти погодени од зголеменото ниво на водите. Во состојба на подготвеност беше ставен и тим на ДЗС со два чамца за евентуална евакуација, но за среќа, нивна интервенција не беше потребна.

Сите активности за заштита и спасување на населението во поплавените подрачја во Кичевско и Ресенско беа реализирани во тесна координација со надлежните институции и локалните служби вклучени во Системот за управување со кризи. Целта беше навремено, организирано и ефикасно дејствување, како и соодветно згрижување и помош на граѓаните погодени од поплавите.















