Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека поседува информации за случајот со марихуаната која била запленета во Србија, а потекнува од земјава, но нагласи дека во интерес на истрагата нема да открива повеќе детали. Тој посочи дека во случајот има инволвирани функционери од претходната Влада, како и фирма поврзана со поранешен претседател на СДСМ во Ново Село, односно со неговиот син.
„Во интерес на истрагата не би одел чекор понапред. Можеби Министерството може да сподели повеќе детали. Тоа што го имав за овој случај го кажав. Има функционери, но од претходната Влада. Има фирма која е сопственост на поранешен претседател на СДСМ во Ново Село, односно негов син. Да не одиме повеќе во детали“, изјави Мицкоски при увидот на градежните активности на Коридорот 8 во Гостивар.
Од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија информираа дека е отворена истражна постапка против шест лица, осомничени за кривично дело „Неовластено изработување и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанции и прекурсори“. Постапката се темели на документација обезбедена од Министерство за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како и на докази доставени преку меѓународна правна помош од Обвинителството за организиран криминал на Република Србија.
Според наводите во наредбата, осомничените во период од 2025 година до крајот на јануари 2026 година се здружиле со цел неовластена продажба на кокаин и марихуана. Секој член на групата имал прецизно определена улога во набавката, складирањето и транспортот на дрогата. Двајца од осомничените, едниот во Северна Македонија, а другиот во Србија, во координација со првоосомничениот – сопственик на правно лице од Скопје – организирале повеќекратен транспорт на марихуана од земјава кон Србија со товарни возила.
Во декември 2025 година, првоосомничениот дал насоки за пакување на 8.832 килограми сув цвет од канабис, набавен од правно лице од Струмица. Во рок од две недели биле спакувани над 200 кутии, по што вработените биле испратени на колективен одмор. На 13 јануари 2026 година била организирана логистика за транспорт на дрогата од Скопје до локација во атарот на Свети Николе, а потоа и нејзино натоварување во товарно возило.
Според обвинителството, во селото Сарамзалино бил извршен претовар на стока од едно во друго товарно возило, по што колоната се упатила кон граничниот премин Табановце и ја напуштила државата. Следниот ден, во раните утрински часови, возилото се исклучило од автопат во Србија и во близина на селото Коњух била извршена истовар на кутиите во објект на правно лице од Крушевац, обезбеден од лица под истрага на српското обвинителство.
Јавниот обвинител оценил дека постојат околности кои укажуваат на ризик од бегство и влијание врз постапката, поради што до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје бил доставен предлог за определување 30-дневен притвор за двајца од осомничените, на кои претходно им бил одреден краткотраен притвор.

















