Германија е потресена од бруталното убиство на 93-годишниот пензионер Ханс-Јирген В. од Келн, кој бил пронајден мртов во својот дом по, како што наведуваат германските медиуми, страшно мачење и физичко насилство. Случајот предизвика огромен шок во јавноста не само поради суровоста на злосторството, туку и поради фактот што дел од осомничените им биле добро познати на германските власти.
Според информациите што ги објави германски „Билд“, телото на пензионерот го пронашле неговите деца кога влегле во куќата. Пред нив се појавила сцена на ужас – 93-годишникот лежел покрај креветот, врзан и со бројни тешки повреди по телото.
Форензичките експерти утврдиле дека старецот имал сериозни повреди на главата, лицето, вратот, рацете, грбот и рамениците. Според првичните анализи, станувало збор за трауми предизвикани од тап предмет, а истражителите сметаат дека пензионерот бил подложен на долго и брутално малтретирање пред да почине.
Куќата била целосно превртена. Ормари и фиоки биле отворени, а предмети расфрлани низ просториите. Според германските медиуми, од домот исчезнале електричен велосипед, мобилен телефон, дебитна картичка и венчален прстен на жртвата.
Истражителите не веруваат дека станува збор за случаен грабеж, туку за добро организирана акција во која учествувале повеќе лица. Сè уште не е утврдено на кој начин сторителите влегле во куќата, бидејќи според досегашните сознанија, не постоеле јасни траги на насилно влегување.
Ханс-Јирген В. живеел сам и бил глув, што дополнително го направило беспомошен пред напаѓачите. Последен пат бил виден на 2 мај кога со велосипед заминал до локална пекарница. Потоа му се губи секоја трага. Форензичарите проценуваат дека смртта настапила најмалку 15 часа пред телото да биде пронајдено, а можно е и многу порано.
Клучен пресврт во истрагата се случил на 6 мај, кога минувач пронашол предмети што му припаѓале на пензионерот на околу 20 минути пешачење од куќата. Меѓу нив била и неговата дебитна картичка.
Според германските медиуми, ДНК траги и отпечатоци од прсти довеле до 30-годишен српски државјанин по име Ненад А. На местото на злосторството биле пронајдени и отпушоци од цигари кои не биле на жртвата. Осомничениот, според извештаите, веќе бил познат на полицијата по кражби, измами, фалсификување и изнуда, а до средината на април 2026 година наводно бил во притвор.
Во истрагата се споменува и 36-годишниот Бајрам К., роден во Скопје. Според „Фокус онлајн“, безбедносни камери го снимиле во куќата на жртвата. Германските власти го поврзуваат со повеќе кривични дела, вклучително и сексуално насилство и сообраќајни прекршоци.
Медиумите наведуваат дека тој двапати бил депортиран од Германија, но повторно нелегално се вратил во земјата. Подоцна бил лоциран во Салцбург, каде што бил приведен. За време на испрашувањето, наводно ги открил имињата на другите можни соучесници.
Еден од нив бил уапсен во бегалски центар во Келн. Станува збор за државјанин на Босна и Херцеговина, кој исто така им бил познат на властите по бројни прекршоци поврзани со имотен криминал и сообраќајни дела.
Дополнителен револт во германската јавност предизвикаа информациите дека дел од осомничените и покрај криминалното минато успеале да останат во Германија преку привремени дозволи за престој. Случајот отвори нови прашања околу безбедноста, миграциската политика и начинот на кој институциите постапуваат со лица кои веќе имаат богато криминално досие.







