Нуклеарното оружје повторно е во фокусот на светот по ескалацијата меѓу Израел и Иран. Израел, за кој се верува дека е единствената нуклеарна сила на Блискиот Исток, го нападна Иран токму додека траат преговори за нуклеарната програма на Техеран, што ја вжешти регионалната и глобална клима.
Нуклеарното оружје е најразорното оружје кое постои. Се заснова на нуклеарни реакции – фисија или фузија – и може да уништи цели градови, оставајќи долгорочни последици по луѓето и природата. Само двапати досега е употребено – во Хирошима и Нагасаки во 1945 година.
Девет држави моментално поседуваат нуклеарен арсенал: Русија, САД, Кина, Франција, Обединетото Кралство, Пакистан, Индија, Израел и Северна Кореја. Русија и САД заедно имаат околу 87% од вкупните 12.000 боеви глави.
Иако постојат меѓународни договори како Договорот за неширење на нуклеарно оружје (NPT), некои држави, меѓу кои Израел, Индија и Пакистан, не го потпишале. Северна Кореја се повлече од него во 2003 година.
И додека светот троши над 200 милиони долари дневно за нуклеарна одбрана, многумина прашуваат: дали безбедноста навистина доаѓа од оружје, или од соработка и мир?