Три лица, меѓу кои и сопственичка на салон за убавина, се приведени поради криумчарење дермални филери и други медицински производи што се користеле во козметички третмани.
Криминалната шема е разоткриена на граничниот премин Табановце, каде царинските инспектори при детална контрола на едно комбе пронашле 535 вијали со средство за слабеење и 7.400 етикети со натпис TIRZ 2.5 мг и TIRZ 5 мг, скриени во чаршафи за постелнина.
Возилото било следено од мобилен царински тим до местото каде што требало да се изврши преземањето на пратката. Во моментот на исплатата, сопственичката на салонот била лишена од слобода, а по налог на јавен обвинител бил извршен претрес во нејзиниот салон.
Таму биле пронајдени дополнителни криумчарени препарати: дермални филери, средства за нивно разградување, производи за редуцирање маснотии, контурирање на лице, отстранување брчки и подмладување.
За сите пронајдени производи не постоела никаква документација за нивната безбедност, исправност или законит увоз. Според сомненијата, сопственичката ги рекламирала и директно ги користела врз клиенти, изложувајќи ги на сериозен ризик.
Царинската управа потврди дека случајот е целосно документиран и дека ќе следуваат соодветни кривични постапки против сите инволвирани лица.







