ПРВ.мк
Црна Хроника

Пад на поранешен функционер: Фехми Стафа испратен во „Шутка“ - ова е причината!

Пад на поранешен функционер: Фехми Стафа испратен во „Шутка“ - ова е причината!
Kristal

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје вечерва го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и му определи мерка притвор во траење од 30 дена на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.

Со донесеното решение, судот оцени дека се исполнети сите законски услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување присуство, имајќи ја предвид тежината на кривичното дело, околностите под кои е сторено и ризиците поврзани со натамошниот тек на истрагата.

Притворот е изречен врз основа на две клучни законски основи од член 165 од Законот за кривичната постапка. Првата е реална опасност од бегство, при што судот оценил дека сериозноста на делото и висината на можната казна создаваат ризик осомничениот да стане недостапен за органите на прогонот. Втората основа се однесува на можноста за влијание врз сведоци и попречување на истрагата, доколку Стафа се брани од слобода.

Фехми Стафа е осомничен за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“. Според наводите на обвинителството, тој примил вкупно 50.000 евра со цел да искористи свое наводно влијание и да издејствува укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов – Ѓаволот, обвинет во предметот „Синџир“.

По донесувањето на решението, Стафа ќе биде спроведен во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, каде ќе ја издржува определената мерка притвор додека трае истрагата за оваа корупциска шема која ја потресе правосудната јавност.

FixCredit
Escape