Пожар избувна попладнево во близина на викендичките кај местото „Каменот“ во Велес, но благодарение на навремената интервенција на Територијалната противпожарна единица, огнената стихија беше брзо ставена под контрола.
Како што информираат од ТППЕ Велес, дојавата за задимување била примена денеска во 17:55 часот. На местото веднаш биле испратени едно противпожарно возило и четворица пожарникари-спасители.
По пристигнувањето, екипите затекнале пожар кој зафатил површина од околу еден хектар. Со брза и координирана интервенција, пожарот бил целосно изгаснат, а било спречено негово понатамошно ширење кон околните површини и викендичките.
Од Територијалната противпожарна единица повторно апелираат до граѓаните да не палат оган на отворен простор, особено во услови на високи температури и суво време, кога ризикот од пожари е значително зголемен.
Доколку се забележи пожар, граѓаните треба веднаш да пријават на бесплатните телефонски броеви 112 или 193.







