ПРВ.мк
Црна Хроника

ПАДНА ЏИНОВСКА ПРАТКА НА ДРОГА: Запленети 2,6 тони кокаин вреден до половина милијарда евра, уапсени четворица

ПАДНА ЏИНОВСКА ПРАТКА НА ДРОГА: Запленети 2,6 тони кокаин вреден до половина милијарда евра, уапсени четворица

Една од најголемите заплени на кокаин годинава е извршена во Атлантскиот Океан, каде што властите пресретнале ултрабрз глисер натоварен со 2,6 тони кокаин. Во меѓународната акција биле уапсени четири лица, а вредноста на дрогата на европскиот уличен пазар се проценува на околу 500 милиони евра.

Операцијата ја реализирале безбедносните служби на Португалија, Шпанија и Италија. Глисерот бил запрен на околу 90 километри југозападно од ’ртот Еспишел, а меѓу приведените има двајца шпански државјани, еден државјанин на Гибралтар и албански државјанин кој живеел во Италија.

Според италијанската финансиска полиција, вредноста на запленетиот кокаин на големо се проценува на околу 78 милиони евра. По разредување, препакување и продажба преку криминалните мрежи, неговата вредност можела да порасне на околу половина милијарда евра.

Дрогата била скриена на специјално приспособен крут гумен глисер, опремен со повеќе моќни мотори кои овозможуваат голема брзина и брзо движење на отворено море. Ваквите пловила сè почесто ги користат нарко-картелите за транспорт на големи количества кокаин.

Истражителите предупредуваат дека криминалните групи ја менуваат тактиката и сè почесто ги избегнуваат големите пристаништа. Наместо тоа, дрогата се претоварува од големи бродови во меѓународни води на помали и побрзи пловила, кои потоа се обидуваат незабележано да стигнат до европскиот брег.

Само неколку месеци претходно, во друга координирана акција на атлантската рута меѓу Канарските и Азорските Острови, биле запленети 11 тони кокаин и 8,5 тони хашиш, што уште еднаш покажува дека Атлантикот останува една од главните рути за шверц на дрога кон Европа.