Тажна вест ја потресе регионалната музичка сцена откако беше објавено дека ненадејно починал пејачот Саша Катанчич, познат на публиката од музичките натпревари „Ѕвездите на Гранд“ и „Пинкови ѕвезди“.
Според првичните информации од српските медиуми, причината за смртта е срцев удар, што дополнително ја зголеми шокантноста на веста меѓу неговите колеги, пријатели и обожаватели.
Саша Катанчич со години настапувал на различни сцени, вклучувајќи клубови, приватни прослави и настапи во дијаспората. Важел за изведувач со широк репертоар и препознатлива енергија, а неговите настапи често биле опишувани како емотивни и полни со добра атмосфера.
Поширока популарност стекнал преку учеството во емисиите „Ѕвездите на Гранд“ и „Пинкови ѕвезди“, каде иако не стигнал до финалните кругови, оставил силен впечаток врз публиката со својата харизма и специфичен вокал.
Покрај музичките натпревари, тој во 2013 година учествувал и во реалното шоу „Фарма“, каде бил опишан како смирена и повлечена личност која избегнувала конфликти и се трудела да создава позитивна атмосфера.
Неговите блиски соработници и колеги го опишуваат како скромен и посветен музичар, кој пред сè ја сакал музиката и семејството. Во јавноста е познат и како поранешен клавијатурист во бендот на Харис Џиновиќ, кој јавно го истакнувал неговиот талент и професионалност.
Смртта на Саша Катанчич претставува голема загуба за музичката сцена, а бројни колеги и обожаватели се простуваат од него со емотивни пораки на социјалните мрежи.










