Во повеќе европски држави е откриен сериозен безбедносен инцидент поврзан со бебешка храна од производителот HiPP, откако уценувачи измешале отров за стаорци во шест теглички со пире од морков и компир.
Според досегашните информации, случајот е поврзан со обид за уцена. Производителот соопштил дека добил порака на заедничко службено сандаче, која првично не била забележана. Во пораката, испратена пред околу три недели, наводно биле барани околу два милиони евра.
Откако содржината станала позната, било утврдено дека сторителот или сторителите манипулирале со шест теглички од 190 грама и во нив внеле отров за стаорци. Потоа производите биле пуштени во промет.
Досега се пронајдени пет од шестте теглички – во Австрија, Чешка и Словачка. Сите пронајдени примероци имале специфична ознака на дното (бела налепница со црвен круг) и биле отворени пред продажба. Шестата тегличка сè уште не е пронајдена и се претпоставува дека може да е во промет.
Австриските власти соопштија дека е отворена истрага, а токсиколошки анализи покажале присуство на отров, при што дополнително се испитува неговата концентрација и реалната опасност при евентуална консумација.
Министерката за здравство на Австрија предупреди дека станува збор за исклучително сериозен случај кој директно го загрозува здравјето на доенчиња и повика граѓаните внимателно да ги проверуваат производите и вакуум-затворањето на тегличките.
Во истрагата се вклучени полициите од Австрија, Чешка, Словачка и Германија, а властите контактираат и со продавници, градинки и здравствени установи за да се спречи понатамошна дистрибуција.
Иако досега нема пријавени случаи на повредени деца, истрагата продолжува, а фокусот е на пронаоѓање на последната исчезната тегличка и идентификување на сторителите.










