Постојаните врнежи од дожд во дебарскиот регион предизвикаа серија помали, но чести одрони на повеќе патни правци, што ја отежнува сообраќајната состојба во овој дел од државата. Надлежните служби упатуваат апел до возачите за зголемена внимателност и строго почитување на поставената сигнализација.
Од јавното претпријатие задолжено за одржување на магистралните и регионалните патишта соопштуваат дека нивните екипи постојано интервенираат на терен, каде поради натопеното тло доаѓа до одрони на земја и камења. Според нив, ваквите појави се очекувани за планинските и повисоки делници.
Најизразени проблеми се забележуваат на делницата Дебар–Маврово, особено во реоните кај Рајчица, Косоврасти, Јанче и Ростушки Мост, како и во близина на Бигорскиот манастир. На патот кон Струга, како критична точка се издвојува локалитетот „Три чешми“.
И покрај отежнатите услови, надлежните институции посочуваат дека врнежите имаат и позитивен ефект врз хидролошката состојба, со очекувано зголемување на нивото на Дебарското Езеро и подобрување на водните резерви за хидроенергетскиот систем „Шпиље“, како и придобивки за земјоделството.










