Јавното обвинителство бара притвор за онкологот Нино Васев, кој беше медицински директор на Клиниката за онкологија и за организацискиот директор Нехат Нухи, во врска со обвинението за злоупотреба на службената должност, проневера и за измама додека биле на функциите.
„Основното јавно обвинителство Скопје, заедно со поднесените обвиненија во предметот Онкологија, до Основниот кривичен суд вчера поднесе и предлог за определување мерка притвор за двајца обвинети – медицински и организациски директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија Скопје. На обвинетите им се ставаат на товар повеќе кривични дела за кои се запретени високи затворски казни, а последицата од сторените кривични дела опфаќа и нанесување на значителна имотна штета на државниот буџет, што може да влијае врз мотивот на обвинетите да се дадат во бегство“, соопшти Јавното обвинителство.
Во фазата на истрага за овие лица на сила беа мерки на претпазливост, но со поднесување на обвинението подигнат е степенот на сомнение за обвинетите, како и извесноста од кривично правна одговорност и од санкционирање за нивните противправни дејствија, се додава во соопштението.
„Поради опасност од бегство, како резултат на природата и тежината на предметните кривични дела за кои им се поднесени обвиненија, за тројца обвинети лекари онколози се предложени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање. Ваквите мерки се неопходни за непречено водење на кривичната постапка“, соопшти Обвинителството.
Од Кривичниот суд велат дека допрва ќе го работат предметот и засега нема одлука по барањата од Обвинителството.