Коалицијата ВЛЕН изрази целосна поддршка и благодарност за, како што велат, принципиелниот и непоколеблив став на пратеничката Мимоза Муса, која во чувствителен политички момент покажала висок политички и институционален интегритет.
„Пратеничката Муса, избрана од редовите на Алијанса за Албанците, остана доследна на волјата на 107 илјади граѓани кои го доверија својот глас на оваа коалиција со надеж за промена и почеток на ново, чесно политичко претставување,“ велат од ВЛЕН.
Од коалицијата нагласуваат дека ставот на Муса е јасен доказ дека пратеничкиот мандат не е само политичка функција, туку мисија во служба на граѓаните, вистината и стремежот за длабоки реформи во албанската политичка сцена во земјата.
„Унитетот, принципите и лојалноста кон граѓаните се темелот врз кој ја градиме нашата политичка иднина,“ стои во соопштението. ВЛЕН додава дека сите нивни пратеници, без исклучок, остануваат посветени на заштитата на јавниот интерес и се далеку од какви било компромиси кои се спротивни на волјата на гласачите.
Коалицијата упати и јавна благодарност до пратеничката Мимоза Муса, со желби за понатамошен успех во нејзината посветена и достоинствена работа во Собранието.