Во скопското село Визбегово денеска се случила драматична сцена за време на интервенција на пожар, кога на терен дошло до ненадејна експлозија на дива депонија, при што бил повреден пожарникар.
Пожарот избувнал на простор со сува вегетација и отпад, а ситуацијата на терен за кратко време излегла од контрола. Додека противпожарните екипи се обидувале да го локализираат огнот, одеднаш се слушнала силна експлозија.
Во инцидентот повреден е припадник на противпожарната бригада, кој веднаш бил извлечен од местото и пренесен во болница. Според првичните информации, тој се здобил со повреди на ногата и увото, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност.
Од надлежните служби информираат дека пожарникарот бил итно згрижен и транспортиран во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде му е укажана медицинска помош и се вршат дополнителни прегледи.
Се претпоставува дека експлозијата можеби е предизвикана од боца под притисок или друг запалив предмет кој се наоѓал на депонијата, но точните причини сè уште се истражуваат.
Надлежните институции вршат увид на терен и работат на целосно расчистување на случајот, како и утврдување на сите околности што довеле до опасниот инцидент.






