Едно лице загина, додека три се повредени во тепачка која избувна во саботата навечер во Ѓаковица. Се сомнева дека на конфликтот му претходела расправија помеѓу децата.
Како што соопшти косовската полиција, тепачката се случила околу 21:30 часот во улицата „Али Ибра“ во Ѓаковица, кога во полицијата било пријавено дека дошло до физичка пресметка.
Во тепачката четири лица се здобиле со телесни повреди, по што биле пренесени во Ургентниот центар во Регионалната болница во Ѓаковица, каде им била укажана лекарска помош.
Според информациите од медиумите, едно од повредените лица починало од здобиените повреди, за кои се сомнева дека се нанесени со остар предмет.
Меѓу повредените е и осомничениот
Полицијата соопшти дека меѓу повредените лица се наоѓа и осомничениот за овој случај.
„Околу 21:30 часот добивме информација за тепачка во улицата 'Али Ибра' во Ѓаковица. Како последица на овој инцидент, четири лица се здобија со телесни повреди и им беше укажана лекарска помош во Ургентниот центар на Регионалната болница во Ѓаковица. Едно од повредените лица почина од здобиените рани, за кои се сомнева дека се нанесени со остар предмет. Меѓу повредените е и осомничениот“, се наведува во соопштението на полицијата.
Надлежните полициски единици излегле на лице место, а истрагата се спроведува во координација со државниот обвинител.
Полицијата продолжува со работа на расветлување на сите околности на овој случај, вклучувајќи ги и наводите дека пресметката меѓу возрасните уследила по претходен судир помеѓу нивните деца.









