ПРВ.мк
Црна Хроника

ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ НА АЕРОДРОМ ПОЧИНАА ОД МАЛАРИЈА: Се сомнева дека комарците пристигнале со авион!

ДВАЈЦА ВРАБОТЕНИ НА АЕРОДРОМ ПОЧИНАА ОД МАЛАРИЈА: Се сомнева дека комарците пристигнале со авион!

Двајца вработени на аеродромот во Франкфурт починаа од маларија, во исклучително редок случај на локално пренесување на болеста во Германија. Вкупно шест лица кои работат на аеродромот биле заразени, а здравствените власти сега се обидуваат да откријат како дошло до инфекциите.

Една од главните претпоставки што се испитуваат е дека комарци кои ја пренесуваат маларијата можеби пристигнале на аеродромот со авион од подрачје каде што болеста е присутна. Сепак, засега станува збор само за сомнеж, а официјалните истраги сè уште траат.

Случаите за првпат биле откриени во јули. Особено внимание предизвикува фактот што шестмината заболени работеле на различни позиции и во различни делови на огромниот аеродром, што дополнително ги усложнува напорите да се утврди заедничкиот извор на инфекцијата.

Здравствените власти во средата потврдиле дека две од заразените лица починале. Поради сериозноста на ситуацијата, на аеродромскиот комплекс биле поставени специјални стапици за комарци.

Инсектите што ќе бидат собрани ќе се испраќаат во лабораторија, каде што експертите ќе проверуваат за кој вид комарец станува збор, но и дали тој може да биде поврзан со случаите на маларија.

Покрај анализата на комарците, се испитуваат и крвни примероци од заболените. Целта е да се утврди дали инфекциите имаат заеднички извор и дали зад нив стои еден ист комарец или повеќе инсекти.

Резултатите од лабораториските анализи, кои би можеле да дадат појасна слика за потеклото на инфекциите, се очекува да бидат достапни во следните неколку недели.

Компанијата „Фрапорт“, која управува со аеродромот, соопшти дека вработените биле информирани за ситуацијата и за симптомите на кои треба да обрнат внимание.

„Им обезбедивме на сите вработени целосни информации и ги охрабруваме да се консултираат со лекар доколку покажат какви било симптоми“, изјавил портпарол на компанијата.

Одделот за јавно здравје на Франкфурт продолжува со истрагата, но властите истовремено нагласуваат дека за останатото население ризикот е исклучително низок.

Причината е начинот на кој се пренесува маларијата. Болеста не се шири директно од човек на човек, туку најчесто се пренесува преку каснување од заразен комарец. Затоа, присуството на заразени лица само по себе не значи дека постои опасност од широко ширење на болеста меѓу жителите на градот.

Според Институтот „Роберт Кох“, во Германија маларијата вообичаено се регистрира кај луѓе кои претходно патувале во региони каде што болеста е ендемска. Случај во кој маларијата се пренесува локално на германско тло, а особено во рамките на аеродром, се смета за исклучително редок.

Експертите посочуваат и на уште еден проблем. Доколку заразеното лице нема неодамнешна историја на патување во ризични региони, лекарите може потешко да се посомневаат на маларија. Тоа може да доведе до подоцнежно поставување на дијагнозата, а со тоа и до поголем ризик од развој на тешка форма на болеста.

Случајот во Франкфурт не е прв ваков настан. Последното регистрирано локално пренесување на маларија на германски аеродром било забележано во 2023 година, исто така на аеродромот во Франкфурт.

Здравствените служби сега продолжуваат со мониторингот и лабораториските испитувања, а токму анализите на комарците и примероците од заразените треба да покажат дали претпоставката за инсекти пристигнати со авион навистина ја објаснува појавата на овие случаи.